Коле Чашуле. Вејка на ветрот На мојата другарка Ванѓа — со неизмерна љубов и признателност за љубовта и поддршката како во дните на радост, така и во дните на премрежиња. А в т о р о т ВЕЈКА НА ВЕТРОТ – ПИЕСА ВО ТРИ ДЕЛА – Л И Ц А: МАГДА МЕЈБЛ ЏИМИ ВЕЛКО Дејството се одигрува во еден хотел за живеење, какви има премногу во американските големи градови. Рана есен, наши дни. ДНЕВНА СОБА во хотелот. Апартманот, чиј дел е дневната соба, има уште спална, мала паравански преградена кујна, бања и плакар. Светлината во апартманот е индиректна. На спротивната страна од улицата се издига многукатница, која го затвора хоризонтот. Повремено, врз ѕидот од многукатницата се јавува танка пукнатина од сонце, што одвај си го пробила патот дотаму низ околните згради. Апартманот се наоѓа на еден од долните спратови на хотелот. Два спрата подолу се пробива надземниот крак на метрото — „елеваторот". Суредбата во апартманот е стандардна за овој тип хотели. Сето остава впечаток на излитеност и студенина. Низ отворениот прозорец во собата се искачуваат шумовите на улицата: човечки гласови, автомобилски сирени, кочници, извикувања на уличните веснико-продавачи. Во моментот кога се крева завесата на сцената е Магда сама. Лежи во собата, загледана низ прозорецот во пукнатината од сончева светлина. Радиото е отворено. Од него, собата ја исполнува некаква ни тажна ни весела мелодија. Оддалеку се задава татнењето на „елеваторот". Тој како да налетува врз собата. Се тресат прозорците, заглушен е сосема гласот на радиото, не се искачуваат догоре шумовите од улицата. Истовремено, кога п налетувањето на „елеваторот", почнува да ѕвони телефонот. На татнењето од „елеваторот" Магда се скаменува врз софата. Откако татнењето ќе почне да одминува, почнува сè посилно да се слуша ѕвонењето на телефонот, додека на крај тоа и не остане единствен звук во собата., Магда долго останува скаменета врз софата. Телефонот одеднаш престанува да ѕвони. Настанува штама. Дури тогаш Магда почнува да се отпушта. Но, само за миг. Ѕвонењето на телефонот одново се јавува, упорно и заканувачки. Престанувањето на телефонот се повторува уште еднаш. Кога ќе се јави по третпат, Магда станува и му се приближува. Се двоуми над него, дали да ја крене слушалката или не. Најпосле ја крева. МАГДА: Не. Разбери: тој ми забрани да разговарам со тебе. Не јавувај се повеќе и не телефонирај. Ако разбере дека се јавуваш, тој е способен ... (Крикнува.) Само тоа — не. Не. Ти се молам, ти се молам во сè најмило, немој, не... Ќе ја затворам вратата, за ништо на овој свет нема да ја отворам... Ќе викам за помош ... Ќе го повикам него, нека дојде и ... Не. Не. Не. Ало. Ало. Ало ... (Удира со прст по прекинувачот од телефонот.) Ало. Ало. Џими ... Џими ... Џимиии ... (Се задава ново татнење на „елеваторот". Сè е како и првиот пат, само што овој пат Магда останува скаменета простум, сета во грч, како да чека татнењето секој миг да се струполи врз неа. Кога ќе одмине татнењето, се стрчува кон прозорецот и го затвора. Потоа ги навлекува и двете завеси, лесната и тегиката. Од тоа во собата станува темно. Извесно време е мрак. Телефонот почнува одново да ѕвони. Ѕвони долго, упорно. На крај, Магда ја крева слушалката.) Молам? Ах, ти си ... Бев во другата соба ... Штом го чув телефонот веднаш дојдов... Веднаш, чесен збор ... Вратата? Вратата беше затворена, затворена, затоа можеби и не сум те чула... Ништо, ништо не ми е... Ме боли нешто главата... Знам, знам, нема да земам пилула, знам ... Не, никој не те барал. Никој ... Овде? Не, никој не дошол ... Собарицата? Да, беше ... Истата собарица ... Да, Мејбл, која друга? Што ... ? Не те разбрав, прости ми ... Што? Досадно ли ми е... ? Не, не ми е досадно ... Не ми е, кога ти велам ... Прозорецот? Затворен, затворен е ... Добро. Добро ... Молам? Те сакам ли? Па ... па, ти знаеш ... Се разбира, се разбира дека те сакам ... Не, не, сум уплакана ... Така ти се чини ... Не знам зошто така ти се слуша... Веројатно... да. Добро. Добро. Доб ... Добро. До ... Догледање ... (Ја спушта слушалката. Го трие челото. Оди зад параванот, во кујната и по малку се враќа со пилула и чаша вода во рацете. Ја испива. Откако ќе го стори сето тоа, легнува одново во софата и ги затвора очите.) ГЛАСОТ ОД РАДИОТО: А сега: точно време. Ќе биде еден часот попладне, деветти февруари илјада деветстотини педесет и четвртата година. Туку што не заврнало, а јас морам да ви ги предадам новите вести. На прво место сè уште е веста ... МАГДА: (Сè така легната, посига и го прекинува гласот. Потоа, едноподруго се сменуваат, како што ја врти скалата, гласови, музика, шумови, додека од радиото не ја исполни собата мек баритон.) ГЛАСОТ ОД РАДИОТО: „ ... И кога денес ќе застанеш На прозорец да ме пречекаш На тебе ќе гледа пуста улицата ..." МАГДА: (Ја повлекува кон себе раката, со која го дотеруваше радиото.) ГЛАСОТ ОД РАДИОТО: „ .. И не само денес И не само денес На тебе ќе гледаат Оголените Оголените како љубовта твоја Оголените гранки на дабовите ..." (Татнењето на „елеваторот". Кога ќе одмине, се јавува пак Гласот од радиото.) „ ... Не, не ќе позеленат Не ќе позеленат Не ќе опролетат Како ни љубовта твоја Како ни твојата младост Никогаш Никогаш повеќе Никогаш Дабовите..." МАГДА: (Го исклучува, повлекувајќи го од ѕид контактот, радиото. Настапува штама. Уште извесно време, собата останува во темница. Скоро истовремено, кога Магда ќе посигне да ја запали столната ламба, и ќе ја запали, се слуша ѕвонење на надворешната врата. Магда веднаш ја гаси штотуку запалената светилка.) Мајчице. (Ѕвонењето се повторува и потретува. Дури тогаш, скоро истовремено кога ќе се чуг и клуч во вратата, се слуша и гласот на собарицата Мејбл.) МЕЈБЛ: Собарицата, госпоѓо. МАГДА: (Олеснето. Ја пали пак столната ламба. Станува. Се обидува да се прибере.) Веднаш. Само за момент. (Трга кон вратата. Одеднаш се запира.) Сама ли сте? МЕЈБЛ: Сама, госпоѓо. МАГДА: Не лажете? МЕЈБЛ: Зошто би лажела, госпоѓо? МАГДА: Веднаш. (Оди до вратата и, пред да ја отвори, го закачува синџирот што допушта вратата да се отвори само колку да се види низ неа, а не може ниту да се отвори ниту да се провре нешто низ неа Откако ќе се увери дека Мејбл е сама — а ние тоа го гледаме затоа што тој дел од ходникот станува видлив штом ќе се осветли — го отвора синџирот и ја пропушта Мејбл внатре. Откако Мејбл ќе влезе, ја затвора со клуч вратата.) МЕЈБЛ: (Го следи сето тоа. Откако Магда ќе сврши со заклучувањето.) Јас само да ги сменам крпите за лице. Само за минутка. МАГДА: Повелете. МЕЈБЛ:(Се упатува кон бањата. Мејбл, инаку е јадра црна жена, во своите доцни четириесетти години, гегава малку во одот и со длабок, малку зарипнат глас. Додека оди кон бањата, Мејбл се обѕрнува околу себе, на затворениот прозорец, на навлечените завеси, на столната ламба запалена да свети среде пладне. По малку, се враќа од бањата, сега со старите крпи во рацете. На поминување. Кон Магда, која ја чека кај вратата.) Чудесно време денес? Пролет, а не му е времето? МАГДА: (Замислена, не ја дослушува. Не ја разбира.) Молам? МЕЈБЛ: Чудесно време, реков. Нели? (Покажува на затворениот прозорец и на завесата.) МАГДА: Ме боли нешто главата. Железницата татнеше, затоа ги затворив прозорците. МЕЈБЛ: Госпоѓата е нешто болна? МАГДА: Не, не. Ништо не ми е. МЕЈБЛ: Вам ви треба повеќе сонце, повеќе воздух, госпоѓо. Вие се убивате вака, по цел ден — затворена? МАГДА: (Не одговара. Ја отклучува излезната врата.) До гледање, Мејбл. МЕЈБЛ: Ќе ми дозволи ли младата госпоѓа да ја тргнам завесата? МАГДА: Не. Благодарам. МЕЈБЛ: Како сака младата гоепоѓа. Нека не ми се лути заради мојата брбливост, но јас мислам дека младата госпоѓа ќе си го запусти здравјето вака. По цел ден затворена, по цел ден без човек со кого да зборне, со кого да се... Госпоѓата е сега млада. И се чини дека има повеќе здравје отколку што £ треба. Нека ми верува мене: здравјето е предавник, госпоѓо. Најдолен предавник. Ќе го предаде човека токму кога не му се надева. МАГДА: (Веќе со подотворена врата.) Благодарам за вниманието, Мејбл. МЕЈБЛ: Молам. Не сакав да ја налутам младата госпоѓа. Ви се молам, простете. МАГДА: Молам. МЕЈБЛ: (Се зафаќа со некои ситници.) Јас ова му го реков и на господинот. Му реков: Вие, му реков, вие ја пустите младата госпоѓа. Баш така му реков. Јас да сум ви на местото од младата госпоѓа, му реков, јас да сум ви на нејзиното место — не ви седам ни еден ден. Ќе ви избегам и готово.(Кон Магда.) Јас му зборувам, а тој се смее. Не ги знаете, вели, вие Мејбл, нашите старокрајски жени. Тие не се како овдешните: меки, галени, погали ги и ќе се скротат. А колку што сум јас галена, толку тој да ми е жив. Жените се, му велам јас, жените се, драги мој господине, сегде исти, сегде жени. Не им го дадеш ли нивното, тие сами ќе си го земат. МАГДА: До гледање, Мејбл. МЕЈБЛ: (Ги крева рамениците.) Добро. Штом така сакате, си одам ... (Трга.) Јас само така, да не £ биде здодевно на младата госпоѓа. За да не се чувствува ... сама? (Оди до излезната врата. За миг се чини дека ќе излезе, но се врати и го среќава погледот на Магда.) Можам ли нешто да ја замолам младата госпоѓа? Да ме сослуша, само неколку збора. Би сакала нешто да ви речам, госпоѓо, само не знам како. Ако дозволи младата госпоѓа, јас ... МАГДА: Не може ли другпат, Мејбл? МЕЈБЛ: Може, госпоѓо, може. Може, ако сакате, и никогаш да не разговараме. Само што мене ми се чини дека е подобро госпоѓата денес да ме сослуша, отколку кога и да било подоцна. Можам ли да седнам? (Се враќа во собата.) Цел ден не сум седната. Не, не, не тревожете се. Нема да ви земам повеќе од минутка. (Сендува.) МАГДА: (Гледајќи го тоа, исчезнува едно време и кога ќе се увери дека Мејбл нема намера да си отиде, одново ја заклучува вратата, но не се враќа во собата.) МЕЈБЛ:(По долга пауза.)Знае ли... знае ли, младата госпоѓа, дека господииот ми дава ... пари ... да ја следам и да му докладувам за сè што ќе ми се стори сомнително? И ... и дека јас го правам тоа еве веќе три месеци? И ... и дека му плаќа и на портирот да £ ги наслушува телефонските разговори на младата госпоѓа и да го известува за тоа кој сè доаѓа овдека? И ... и дека Бил тоа го прави исто така три месеци? МАГДА: Надвор. МЕЈБЛ:(Останува на своето место, сосем како ништо да не чула.) Госпоѓата не ми верува. Така нешто и очекував. Подобро, многу подобро за вас ќе биде да ми поверувате. Јас немам никаков интерес да ја лажам младата госпоѓа. МАГДА: Ако не излезете веднаш, ќе го повикам него... МЕЈБЛ: И? ... госпоѓата е млада и неопитна, затоа така мисли. Кога ќе поживее oвде, ќе види како стојат работите. Велите дека ќе го повикате? И? Вие мислите дека вашиот сопруг ќе дојде овде и ќе смогне сили да ме исфрли надвор? Никогаш. Па тоа би значело, нека ми прости младата госпоѓа, па тоа би значело тој да се откаже за секогаш... од моите услуги ... ? Господинот е во години, а госпоѓата е млада. Зар сето тоа не е достатна причина тој да постапува така како што постапува и така како што ќе постапи ако го извикате ... ? Не, госпоѓо. Впрочем, тој не е ни првиот ни последниот. Пред три години имавме едни други ... Само што госпоѓата не се однесе спрема мене како вас... Таа ги парира доларите на својот маж и ... и сè си врвеше од убаво-поубаво. Впрочем, ваша работа е како ќе постапите. Не заборавете, ви се молам, само едно: после и да сакате да се нагодите со мене и со Бил .. . ќе биде невозможно. Вашиот ценет сопруг ќе сака да се осигури, а ние не сакаме да си ја загубиме службата. Мажите се способни, драга моја госпоѓо, на сè. Верувајте ми — на сè . . . (Кон Магда, в очи.) Не ќе речете навистина дека вашиот ценет сопруг сосем случајно го одбра, од сите, токму овој апартман? Имавме, драга моја госпоѓо, овде, во истава соба дури и еден што и намести на својата жена магнетофон, да ја прислушува. И да не бевме ние, кутрата жена ќе се фатеше жива на јадица. Ние ја спасивме. И го откривме магнетофонот и таа после му диктираше на својот маж само нежности, а го исклучуваше сето она што не сакаше тој да го чуе. Господи мој, а имаше навистина што и да се чуе... А тој, кутриот, постојано се фалеше: „Машината само не лаже" ... Вие сè уште гледате на мене како да ве уценувам? Не, госпоѓо. Не. Јас и Бил решивме да ви ја откриеме вистината, откако ги чувме вашите последни разговори со Џими ... МАГДА: (Одвај чујно.) Па, тоа е одвратно. Тоа не е живот. Таков живот не вреди да се живее. МЕЈБЛ: Не вреди, но мора. Мора. Токму затоа во животот успеваат оние ... (Татнењето на „елеваторот". Откако ќе одмине, Мејбл си ја продолжува мислата.) Мене, госпоѓо, животот ме учел со тупаници по глава. Туку, јас да си одам. Вие размислете и размислете убаво. Не избрзувајте со решението. Ние сме тука. Само повикајте ме и сè ќе биде во најдобар ред. (Тргнува кон надворешната врата. Овој пат самата ја отклучува.) Впрочем, госпоѓо, изгледа и дека не може инаку да се живее. Луѓето, според мене, имаат само лушпи, лушпи и ништо повеќе. Разликата е само во тоа: едните подебели — другате потанки. И тоа е — сè. (Излегувајќи.) Ах, да, ќе заборавев. Господинот ми плаќа петнаесет долари месечно. Исто толку и на Бил. Збогум, госпоѓо. И простете, ако нешто ви згрешив. На ваша услуга. (Излегува и веднаш се враќа.) Јас да сум на вашето место, би го примила Џими. Лут, тој е способен на сè. Јас и Бил ќе бидеме на ваша страна ... Уште еднаш простете. (Излегува. Ја остава вратата незаклучена.) МАГДА: (Ја заклучува вратата. Се враќа до некаде во собата. Потоа, се враќа до вратата и го става синџирот. Едно време останува така, опрена со грб врз вратата и изместена. Татнењето на „елеваторот". Исто како и првиот пат, кога ќе почне да одминува, се слуша телефонот. Магда чека долго да престане телефонот, но тој не престанува. На крај, таа оди до телефонот, ја крева слушалката, слуша и без глас ја прекинува врската. Откако ќе го стори тоа, ја крева повторно слушалката и отпочнува да одбира број. Меѓутоа на втората бројка запира. Оставајќи ја, бавно, слушалката, ја остава така што постојано да дава сигнал зафатено. Се враќа кон софата, но не легнува. Седнува во неа, сета изместена и премалена. Поминува изввсно време. Се осветлува делот од ходникот, пред влезната врата од апартманот. Се појавува Џими. Ѕвони. За првото ѕвонење Магда останува глува. Се стреснува дури на второто ѕвонење. Во грч ја гаси столната ламба. Мрак. Осветлен е сега само Џими.) ЏИМИ: Отвори. Отвори. Знам дека си внатре. МАГДА: (Молчи.) ЏИМИ: Ако не отвориш, ќе викам. Нека чујат сите. МАГДА: (Крикнува.) Не. Само тоа — не. ЏИМИ: Ќе отвориш ли или да викам. МАГДА: (Веќе до вратата.)Не. Ти се молам. Ќе чујат. ЏИМИ: Тогаш отвори. МАГДА: Не можам. Не смеам. ЏИМИ: Штом е така, не ми останува ништо друго, освен да чукам. МАГДА: Џими, не. Ќе те чуе собарицата. ЏИМИ: Нека ме чуе, па што? МАГДА: Потплатена е од него да му кажува сè за мене. И портирот. Затоа ти се молам, оди си. ЏИМИ: Уште подобро. Ќе бројам до три: не отвори ли ќе чукам. Не само што ќе чукам, туку и ќе викам да се собере хотелов. МАГДА: Џими, вразуми се. Ти многу добро знаеш, каков е тој. Та тој ќе ме убие, ако ... ЏИМИ: Едно. МАГДА: (Очајно) Џими, не викај. ЏИМИ: Две. МАГДА: Што сакаш од мене? ЏИМИ: Да ми отвориш. Последен пат те предупредувам. МАГДА: Џими, ти се молам. Оди си. Разговарај со него, тој нека ти дозволи, повели. Вака, не можам. Разбери, ќе излезам јас за сè виновна. ЏИМИ : Ќе отвориш ли или не? МАГДА: Џими, јас не можам повеќе. Стори ли нешто, ќе ја кренам слушалката и ќе го повикам ... ЏИМИ: Тогаш... што чекаш? Впрочем, доцна е. За сè е доцна. Еве ја собарицата, заклучува некоја врата во ходникот. Секој момент ќе се зададе и ќе ме види... МАГДА: Џими, бегај... Ако знаеш за грев, ако знаеш, ако знаеш... Оди си, бегај дури не те има видено, дури сè уште има време... Ти се молам, Џими, ти се молам. ЏИМИ: Не можам. И да сакам — не можам. Единственото нешто што ми останува е: штом ќе се појави, да се одлепам од твојата врата, божем скришно сум бил кај тебе. Ќе се држам збунето и виновно. Потоа, ќе ја повикам, ќе £ понудам десет долари да ја прикрие мојата посета кај тебе. Истата сцена ќе ја повторам и со портирот... МАГДА: Ти си спобудален ... ЏИМИ: Можеби МАГДА: ... Ти тоа не смееш. Ти тоа не можеш да го сториш. Џими ... ЏИМИ: ¥ ги слушам чекорите. МАГДА: А, ако отворам? ЏИМИ: Ќе поразговараме и ќе си отидам. МАГДА: Вети ми дека само ќе поразговараме и дека веднаш ќе си отидеш? ЏИМИ : ¥ ја гледам сенката. МАГДА: (Брзо ја отвора вратата и го пропушта Џими внатре. Штом тој ќе влезе, грчевито ја заклучува вратата.) Те виде ли? ЏИМИ: Не. (Трга кон средината на дневната соба. Светлината пред вратата сè уште останува. Просторот, осветлен од неа е празен.) МАГДА: (Откако ќе ја заклучи вратата, се опира со грб врз неа.) ЏИМИ: Ту ама е задушно овде! (Се упатува кон празорецот.) МАГДА: (Крикнува) Не. Ќе те види некој. ЏИМИ: (Застанува.) Во ред. (Оди до телефонската слушалка, ја гледа како е оставена, потоа гледа во Магда и на крај ја крева слушалката.) Бил? Сè е во ред. Понатаму грижата е твоја. (Ја спушта слушалката.) МАГДА: Ме излага. За собарицата ме излага? (Ја отвора вратата и излегува во коридорот. Сега снопот светлина пред влезната врата ја осветлува нејзе. По извесно време гледање низ пустиот коридор, Магда се враќа во собата.) Како можеше? Како можеше? ЏИМИ: Зошто? Зар моите долари вредат помалку од нeговите? МАГДА: Ти ми вети дека ... ЏИМИ: Јас и хотелов ќе ти го ветев, само за да влезам. Впрочем и да не отвореше ... (¥ покажува клуч од влезната врата.) Јас уште по телефон ти реков дека ќе влезам... и? Има ли, по ѓаволите, овде некаква пепелница? Ти, се разбира, се уште не пушиш? (Посига по најблиската пепелница и си ја привлекува кон себе.) Седни. Нели рековме дека ќе разговараме. МАГДА: (Останува да стои.) Како сакаш. Само знај дека мене ми е неудобно ти да стоиш, јас да седам. Ќе морам и јас да станам, та простум да разговараме. (Прави движење, како да ќе стане.) МАГДА: (Скоро истовремено со негавото движење, ја пали сијалицата. Потоа, седнува.) Кажи што имаш и оди си. Сето ова нема смисла. Луѓето можат да помислат сè. Во прв ред — тој. Ти тоа најдобро го знаеш. ЏИМИ: Зошто? Што има лошо во тоа што јас сум дошол да разговарам со тебе? Не би требало никој ништо дури ни да помисли, јас овде и постојано да се наоѓам, ако не се лажам. Луѓето, те уверувам, би покажале дури и дух за тоа мое природно право? МАГДА: Зошто ми одмаздуваш за сето мене? Сиве овие работи не еднаш сте ги расправале со него? Што има — со мене. Тој мене, ниту ме праша, ниту ме слуша. Како ќе се погодите вие двајцата, јас со сè сум согласна. Јас само едно знам: не можам повеќе. И само едно ви се молам: оставете ме на мира. ЏИМИ: Така зборуваше затоа што сум овде, затоа што се плашиш од мене. А кога ќе останеш со него, кога ќе легнете в кревет... Мора да е интересна глетката: ти и тој в кревет ... МАГДА: (Станува.) Ако си дошол тие глупости да ги расправаш, нема што да разговараме. Ќе му телефонирам, нека дојде, па со него разговарајте. ЏИМИ: Ти ќе му телефонираш? МАГДА: Зошто не? (Се упатува кон телефонот.) ЏИМИ: Во скок се најдува пред неа и £ го препречува патотј МАГДА: (Застанува.) ЏИМИ: (Ја зема во раце слушалката.) Ќе му телефонираш? МАГДА: Да ЏИМИ: Не. Прво, затоа што е телефонот исклучен. Второ, јас нема да ти дозволам, додека не ми раскажеш зошто беше пред малку телефонот оставен така што да дава постојано знак дека е зафатен? Значи и со тоа почнавме? МАГДА: Дај ми го телефонот. ЏИМИ: Нели заради мене ја остави така слушалката? Да не можам уште еднаш да ти се јавам? МАГДА: Да. Три цели месеци не ме оставаш на мира, ми телефонираш кога еднаш, кога двапати, кога трипати, три цели месеци ми го кинеш денот со тие твои телефонирања и после сакаш ... Дај ми го телефонот. ЏИМИ: Повели (¥ го подава телефонот.) И? Што ќу речеш, жити Бога? МАГДА Тоа е моја работа. ЏИМИ: Ќе му речеш: Џими ме тормози? Тоа ли? А тој ќе те праша: А... а како влегол тој ајдук — нели ајдук ме вика? — кај тебе? И? Што ќе му одговориш? Јас го пуштив? А, ти ли го пушти, ќе те праша? А зошто? Нели јас сум ти забранил, нели сум ти наредил тој никогаш да не стапне во твојата соба? И? И ... ќе дојде овде. Ќе ме праша: Што бараш ти овде? И јас ќе му одговорам: Што, ќе му речам, зар ти навистина не знаеш дека јас ката попладне си доаѓам овде на... разговор? Се разбира, ти ќе крикнеш: Лаже Џими, нели? Само... само што тој нема да ти поверува. Тој е стар и дрт, а ти си... Јас и ти сме врсници? Не, јас сум цела година постар од тебе? Ете зошто, доста е јас да му „признаам" што и да било тој ќе ми поверува мене, а не тебе. Гледаш? Јас него дури и го разбирам. Тој не може, и да сака, не може да ти поверува. Тоа е посилно од него? Повели, телефонирај. МАГДА: (Се повлекува пред него.) ЏИМИ: Телефонирај. Зошто се повлекуваш? Гледаш дека имав право? Ти само се преправаше. Мислеше дека ќе ме уплашиш, дека ќе се препалам и дека ќе избегам? МАГДА: Ти, ти си способен да го сториш сето со што ми се закануваш. Дури сега ми стана јасно. Ти... ти си страшен. ЏИМИ: Јас? Страшен? Не, јас не сум страшен. Мојата трагедија е токму во тоа што не сум страшен. Јас само ти се чинам таков, затоа што ти ја говорам вистината в лице, гола и непотправена каква што е. А ти бегаш од неа. Зар ти не мислеше, кога се мажеше за него, гровнат и стар, каков што е — дека ќе го надмудриш животот? Дека ќе го измамиш? Главното е да појдам во Америка, си мислеше, да ме стемни во сиромаштија и да ме раздени во богатство, па макар тоа разденување да е покрај него? Погледај околу себе. Ова ли е животот за кој сонуваше? Ова ли е сонот заради кој тргна дури преку океан? За тебе денес — Тој е животот. Тој и неговите здодевни и малоумни нежности. Тој и неговите матуви љубовни излијанија... МАГДА: Одвратно е сево ова што го правиш. ЏИМИ: Одвратно е, согласен сум. Но, не можам, знам дека не треба да го правам и не можам. Започнав да уживам во сево ова. Не, не немој да мислиш дека ваков сум се родил. Не. Во мене веруваа сите. Сите пророкуваа дека од мене ќе стане... еве, што стана. Зошто? Прашај го него. Тој нека ти расправи. Јас... јас започнав, како што ти реков пред малку, започнав да ги давам луѓето во одвратности, со истата страст со која други уживаат во морфиумот, да им ги отворам очите за да го здогледаат очајот на нивното секидневие и откако ќе го сторат тоа да ги онеспособувам да га затворат очите. На тој занает ме научија баровите, салоните, патиштата на Америка, на онаа Америка за која ти и слечните верувате дека е рај на земјата ... А најмногу Тој ... МАГДА: Зошто ми го зборуваш сево ова мене? Да ме натераш да избега од него? Да се вратам од каде што сум дошла? Или да се закопам во тињата што те фатила тебе за гуша? Не, Џими. Јас не сум створена за такво нешто. Сум се мажела за него и со тоа е свршено. Друга судбина за мене веќе нема. Ти тоа не можеш да го разбереш, затоа така зборуваш. ЏИМИ: Ќе те изненади ова што ќе ти го речам. (Станува, оди до прозорецот, застанува со лице свртено кон завесата. Дури по извесно време се враќа.) Јас... јас сум единствениот што те разбира. Сите те осудуваат, те ... а јас сум единствениот што те разбира и... и те сожалува. МАГДА: Мене не ми е потребно никакво сожалување. ЏИМИ: Некни за малку дури и не се степав за тебе. Им реков: Кажете ми ја, покажете ми ја девојката која не би постапила како неа и јас ќе клекнам пред неа да ја замолам за прошка. Ги знам јас овдешните жени. Тие да најдат некого како него, ни секунда нема да му се мислат, ќе го земат, ќе му го видат аирот на парите и ќе му ги удрат клоците. Овдешните жени знаат да живеат. Мажот за нив си е маж, а младоста младост. Овде тоа сите го разбираат и не го сметаат дури ни за грев. Дури ни — мажите. МАГДА: Сите вие мислите исто. И собарицата. И сите. Собарицата мисли дека сум таква затоа што двете поранешни госпоѓи биле такви. Тој мисли дека сум таква штом паднал на собарицата да ме шпионира. Со што сум му дала јас повод нему, така да мисли? Со што на собарицата? Тебе? Ете тоа е она што најмногу ме навредува. И што е најодвратно. Сите вие се лажете. ЏИМИ: Не. Јас не се лажам. Јас верувам во сето што го зборуваш. Знам дека така мислиш. И дека е вистина. Затоа и те сожалувам. Го познавам јас животот подобро од тебе. И од лице и од опачина. Можеби, повеќе од опачина. Знам: ќе се опираш, со денови, со недели, со месеци ќе се опираш. Ќе улавееш од болка, ќе ја удираш главата од ѕид, ќе ги гризеш устите додека не прокрварат и... и пак ќе се предадеш. Животот е посилен од сè. Што ме гледаш така? Ти се гледа чудно? (Го трие челото, потоа го вади шамичето и долго и расеано ги брише рацете.) Понекогаш... понекогаш ми личиш на мене. Поправо на она дете што сакаше да ја прејамчи месечината и да ја направи лулка... По судбината ми личиш на мене. По убиството што тој ќе го изврши над тебе ... Не гледај ме така. Она што ти го предлага собарицата е сепак некаков живот, вистина со подлости, лаги и нискости, со пакости, но сепак живот. Ова што самата си го готвиш за себе, не е ни живот, ни смрт. МАГДА: Ти се молам, престани. ЏИМИ: Би престанал да можам. Не можам. Нешто ме насилува да зборувам, да мислам. Се плашам да престанам. Се плашам ... МАГДА: Немам сили повеќе да те слушам. ЏИМИ: И не слушај ме. Не заушувај ме. Јас само едно барам од тебе: да се замислиш, да размислиш, — вреди ли тој за ти вака да постапуваш со себе? Не вреди. Ти тоа многу добро го знаеш, но не сакаш да си го признаеш. Сега ми е јасно зошто ме гледаш така: мислиш дека сум му шпион нему? Дека ме платил ... МАГДА: (Молчи и скршено седнува.) ЏИМИ: Мислиш и затоа не одговараш. Не, јас не сум негов шпион. Не. Во мене е сè уште жив споменот за детето во кое веруваа сите. Детето не е живо, но живее во овој мој труп споменот на тоа дете. И нему не можам да му изневерам. Не веруваш? Не верувај. Мене никој не ми верува. Не ми верува дури ни Мак барменот. Треба првин да му ги покажам парите, па после да ми даде да пијам. А знаеш ли ти што значи кога на човека ќе престане да му верува дури и барменот? За нас, пијаниците, бармените се барометарот на нашиот живот. Се качува ли нивната жива, нивната доверба, се качуваме и ние. Ќе падне ли, ни нема враќање. Ете зошто ние и ги мразиме бармените. Ги мразиме и не можеме да живееме без нив. Изутринава ми идеше да му ја фрлам чашата в очи. Не му ја фрлив. Зошто? Мојата омраза е од плитко дно. И затоа што се плашам. Не, не од него. Туку од затворената врата на неговиот бар. Не чуди се. Што? Зар ти досега навистина не сети дека сум пијан? Пијан сум, но свесен што зборувам. Седам овде цел час, зборувам и не се обидувам да сторам нешто. Зошто? Не успевам дури ни да ки поверуваш... да ми поверуваш барем дека те ... почитувам. МАГДА: Како да ти поверувам? На што да ти поверувам? Не, Џими. Јас веќе не верувам во ништо. Не верувам, не си верувам дури ни себеси самата. Од себе почнав да зазирам, да се плашам. А ти бараш од мене да ти верувам тебе... (Оди до параванот. Застанува со лице свртена кон параванот. Така и останува подолго време, додека зборува.) Кажи ми како да поверувам? На голите зборови ли? На навредите? Не, Џими, не барај го тоа од мене. Јас немам сили... Ни самата не знам повеќе што зборувам. ЏИМИ: И не верувај ми. Не верувај ми, зошто ни јас самиот не знам што сакам. Не знам: те мразам ли, сакам ли да ти се одмаздам... ? Три месеци се обидувам да дојдам овде и три месеци не можам да соберам сили да се решам. Три месеци ти телефонирам, те навредувам и три месеци... се радувам што ти го слушам гласот. Понекогаш ми се чини, ќе се збудалам ако не ти го чујам. Три месеци ти се заканувам со мојата одмазда и три месеци се радувам дека те нема убиено, дека се уште си жива и дека се опираш. Кажи ми, тогаш, на што јас да верувам? Не плаши се. Нема што да се плашиш од мене. (Станува.) ... Јас само едно знам: сето што го зборувам, го мислам. Еве, гледај ме, ќе ги ставам рацете зад грб и нема да ги мрднам ти додека не ми дозволиш. Сето што ти го зборував е — мојата вистина. Го смислував вечери и вечери. Пиев и го смислував. По цели ноќи не спиев и го смислував. Можеби, затоа излезе сето вака — изгубено! Некои вечери те мразев. Силно те мразев. Првиот пат кога те видов си дадов збор да ти одмаздам. Да те свлечкам во калта, да застанам над тебе и да ти се искикотам. Понекогаш јасно знам дека ти за ништо не си виновна и дека е свински сево што го правам. И тогаш — плачам. Верувај ми, ако сум пијан. Можеби, затоа така тешко плачам. Вчера дојдов до хотелов и се вратив. Сношти... сношти решив да дојдам овде и да те обесчестам. Со таа мисла ги поткупував Мејбл и Бил, со таа мисла се качував кај тебе, а ... а еве на што сум ... Сум ги стегнал рацете назад, ме клукаат и не ги пуштам. Чекам ти да ми дозволиш да ги мрднам. А со тие раце сакав ... Ти се молам ... (Ѕвони телефонот. Долго и упорно. Двајцата, Магда и Џими, остануваат скаменеги на местата каде ќе ги затекне ѕвонењето на телефанот. Прв прозборува Џими. Кога ќе зборне се чини не истиот: скршен е и предаден. Телефонот продолжува да ѕвони додека зборува.) Сигурно е тој. Одговори. Кажи му ја вистината, сета вистина и речи му нека дојде. Не плаши се. Речи му дека покорно го чекам. Ти се молам ... МАГДА: (По извесно време, исполнето со упорно и долго ѕвонење на телефонот, се раздвижува и ја зема слушалката.) Кој? Ти? Си ме барал? Не, нигде ... нигде не сум излегла. Бев во спалната. Лежев. Сигурно сум завенала та што не сум го чула ѕвонењето. Телефонот ти даваше долго зафатен? Со никого не сум зборувала за да биде зафатен. Што знам јас... можеби грешно сум ја оставила слушалката. Како? Татнеше железницата, отрчав да го затворам прозорецот, можеби тогаш сум ја оставила грешно слушалката. Како? Јас ти реков дека прозорецот беше затворен? Ох, да, мислев на прозорецот во спалната, тој беше затворен. Што можам јас... што можам јас да правам? Исклучи го и телефонот, ако сакаш... Ти се молам. Ти се молам. Немој вака, по телефон ... (Скоро крикнува.) Не. Не. Не. Нема никој. Нема никој. Да ти докажам? Како можам јас да ти докажам дека нема никој. (Го стега со слободната рака челото. Од стегањето остануваат бескрвни траги.) Ти се молам, немој ... сега. Не можам. Болна сум. Пак и после сето ... Не. Не. (Горчливо и очајно.) ... Па зар тоа ќе те убеди, дека нема никој ... ? Ох,... (Ги затвора очите. Се врти со грб кон Џими.) Те сакам, те сакам. До ... до гледање. (Долга пауза. Дури на нејзиниот крај Магда ќе ја спушти слушалката. Останува така сето време, со затворени очи, скаменета и со грб свртена кон Џими.) ЏИМИ: (Рацете сè уште ги држи зад грб.) Време е да си одам. МАГДА: (Молчи, сè така неподвижна.) ЏИМИ: (Доаѓа до излезната врата. Долго се двоуми. Едно време дури и ја отвора и се чини дека ќе излезе, но не излегува. Така урамен во вратата се врти. Првиот обид да зборне не му успева. Устата му се отвора, но од неа не излегува глас. Гласот се слуша дури подоцна.) Сега знам зошто го мразам. Зошто мораше сево ова да се случи... пред мене? Бев малечок. Една вечер додека спиев, тој почнал да ја тепа мајка ми. Се разбудив од нејзините крикови. Беа тоа крикови што никогаш не се забораваат. Ми се стори дека ќе ја убие. Го молев, клечев на коленици пред него, му ги бацував рацете со кои ја тепаше мајка за да ги спречам неговите удари, но ништо не помагаше... Кога нè претепа — нè натера да преповторуваме ... дека го сакаме! (Замолчува.) МАГДА: (И понатаму останува неподвижна.) ЏИМИ: (Излегува. По него, вратата бавно се затвора.) Збогум. (Штама. По штамата, се задава татнењето на „елеваторот". Како и првиот пат, татнењето ја тресе собата, се чини секој миг ќе ја искорне. Со татнењето се спушта и завесата.) ВЕЛКО: (Веќе во собата £ го подава образот на Магда да го бакне.) МАГДА: (Го бакнува.) НЕОЛКУ часа подоцна. Во моментот кога се крева завесата сцената е пуста. Вечер е. Нов реквизит на сцената е масата за вечерање. Всушност, тоа не е маса туку рамна згорнина која се извлекува од ѕидот и служи за вечерање. Врз неа поставено за овајца. Просторот пред вратата е осветлен. По малку, пред вратата се појавува Велко. Тој е човек во своите предшеесетти години. Сe движи бавно. Зборува со паузи, кои, се чини, му пимагаат да ја поврзе мислата, што често се кине. Достигајќи до вратата, тој застанува, вади клуч и ја отклучува. Истовремено со звукот на клучот во вратата, од зад параванот се појавува Магда. Косата п е прибрана во как, облечена е во друга, темна облека и затоа изгледа некако постара. Велко влегува. Ја обиколува со поглед собата. Едно време го за-пира погледот врз Магда. ВЕЛКО: Добровечер. (Не очекувајќи одговор, се врти и ја заклучува вратата.) МАГДА: Добровечер. ВЕЛКО: (Се врти. Застанува така што Магда да може да му го соблече палтото.) МАГДА: (Му го соблекува. Оди до закачалката што е во плакарот, веднаш до вратата, и го закачува. Ја затвора вратата од плакарот.) ВЕЛКО: Пак си го отворила прозорецот. Промаја е. МАГДА: Имаше миризма од готвењето. Малку да се проветри. ВЕЛКО: (Седнува во најголемата фотелја.) Влечките МАГДА: (Оди во спалната. По малку се враќа со влечки., Ги поставува пред Велка.) ВЕЛКО: (За момент влечките остануваат така оставени. Потоа Велко ја подава ногата. Пауза.) МАГДА: (Се наведува и почнува да му ги собува чевлите. Откако ќе му ги собуе, му ги обува влечките.) ВЕЛКО: Не може човек ни дома раат да си дојде. Треба да ми ги мениш врвците. Десната само што не се скинала. Не го оставаат човека да живее. Охохох. Ке треба да купам, нови чевли, а? МАГДА: (Станува и ги носи чевлите во просторот за нив, под плакарот.) ВЕЛКО: Тие мислат не знам јас што сакаат. Ги знам јас нив. Еднаш да ти го пречекорат прагот и после ако можеш избркај ги. МАГДА: (Оди зад параванот.) ВЕЛКО: Сега сите ми се пријатели. Сите се загрижиле: како сум? како живеам?, а порано, додека бев сам? Тогаш никој ниту ме прашаше, ниту ме заушуваше. Што отиде таму, де? МАГДА: Веднаш. Само да ги приготвам работите за јадење. ВЕЛКО: Донеси ми скоч и сода. Или заборави да ставиш во фриџот? МАГДА: (Сè уште зад параван.) Не заборавив. (Влегува и носи скоч. Го остава пред) Велка. Потоа се враќа пак зад параванот.) ВЕЛКО: (Го зема скочот и си тура.) МАГДА: (Се враќа со коцки мраз.) ВЕЛКО: (Ги зема коцките и клава неколку во нашата. Потоа, тура и сода.) МАГДА: (Се враќа зад параванот.) ВЕЛКО: Пак се напика таму? МАГДА: (Од зад параванот.) Ти реков, да приготвам ... ВЕЛКО: (За првпат пробива неговата нервоза.} Остави го сето и дојди. МАГДА: (Се враќа.) ВЕЛКО: (Покажува на местото до себе.) Седни (Седнува во фотелјата отспротива.) ВЕЛКО: Што седна таму? Или не ти е мило да седнеш покрај мене? МАГДА: Главата ме боли, ќе ми пукне. ВЕЛКО: Пак? МАГДА: Можеби од промената на климата. (Натегната пауза.) ВЕЛКО: Аха. Да не сакаш нешто на доктор да те однесам? МАГДА: Ти како ќе речеш. ВЕЛКО: Што мислиш ти, де? МАГДА: Ќе ми помине. ВЕЛКО: (По долга пауза.) Оној Том од Арпино. Оној што има ресторан на аголот од Кинг и Шустер, што мислиш, зошто се митари постојано околу мене? МАГДА: (Не одговара.) ВЕЛКО: Не знаеш? МАГДА: Не знам. ВЕЛКО: Јас знам. Сака да се вмолкне ваму. Да го повикам на вечера. МАГДА: И да си го повикал, немаше да се усрамиме. Имаме вечера. ВЕЛКО: Е, да. Не му е нему за вечерата. Го знам јас. Порано, кога ќе се сретневме в црква или во халата, гледаше на мене одозгора. Со збор не ме удостојуваше. А сега: блабара, блабара — од мил помил. Само за да се довлечка овде. Ги знам јас сите нив. Јас ниту се различив, ниту пак станав Форд или Џенерал Моторс, та што цилимиликаат околу мене. Сето тоа го прават заради тебе ... Да се оженев за некоја стара, да донесев овде некој гроб, никој ни сенката немаше да сака да ми ја види. Вака: Велко има млада, убава жена, држте сите кај него. Дуќанот ми го заборавија. Сите заакале дома. Дуќанот ми го заборавија. Ти... немој со нив. Понастрана од тие манги. Тие работи така почнуваат, со кротко, со мило. Денес збор, утре... МАГДА: Ти се молам, да не ја започнуваме пак таа работа. ВЕЛКО: Сакаш да кажеш: јас да не ја почнувам? МАГДА : Мислам дека нема никаква смисла. ВЕЛКО: Ти... мислиш? Аха. А ме прашаш ли мене, што мислам јас? Или тоа нема никакво значење? МАГДА : Јас само те замолив, а ти како сакаш. ВЕЛКО: Е, гледаш, јас сакам да продолжиме. Можеби има нешто што сакам да ти кажам? Или да те... прашам? Пак и зошто се жени човек? Да дојде дома и да молчи како утман? Цел ден го превиткува грбот пред муштериите, тие се секогаш во право, и затоа сака кога ќе си дојде дома да поразговара. Така, просто да поразговара ... со некого ... МАГДА: (Резигнирано.) Продолжи штом сакаш. Само што нема до ништо да нè доведе. ВЕЛКО: Навистина? МАГДА: Ти се молам да вечераме. Би сакала порано да си легнам. Ми се чини ако заспијам, ќе ми помине главата... ВЕЛКО: Со еден збор: би сакола да се затскриеш зад креветот. МАГДА: (Одвај воздржувајќи се.) Немам јас зошто да се засолнувам зад креветот. И ти се молам, да не ме навредуваш. Мене совеста ми е чиста. ВЕЛКО: Значи ли тоа дека мене совеста не ми е чиста? МАГДА : Јас тоа не го реков. ВЕЛКО : Го мислеше. Или — јас лажам? МАГДА: Јас не реков дека лажеш. ВЕЛКО: Тогаш значи ја говорев вистината. Значи, мојата совест не е чиста. МАГДА: (Тврдо.) Ти тоа најдобро си го знаеш. ВЕЛКО: Сакам од тебе да го чујам. МАГДА: (Одвај се воздржува.) Јас те молам да не започнуваме. ВЕЛКО: Зборуј. МАГДА: Немам јас што да зборувам. Ти се молам да вечераме. Немам сили да се карам. Довде ми е дојдено од кавги. И не мислам да ги продолжам. ВЕЛКО: Зборуј, кога ти велам, МАГДА: Ако сакаш, можам и да ти се извинам. Извини, не мислев да те налутам. ВЕЛКО: И ти мислиш дека ќе ме поткупиш со тоа твое извинување? МАГДА: Како сакаш. ВЕЛКО: Има ти да одговараш вечерва. МАГДА: (Губи трпение.) Што сум ти сторила јас тебе, та што вака се однесуваш со мене? Седам овде како затвореник по цел ден, ни човек не гледам, ни збор не проговорувам и уште ќе ми префрлуваш ... ВЕЛКО: А, значи, тоа била маката. Не гледаш луѓе, не слушаш гласови, не се собираат овде дербедари, тоа? Што би сакала: да акаш како пусто говедо? Тоа ли? Да знаеме. МАГДА: Немој да ме навредуваш. Ти многу добро знаеш дека јас тоа не го мислам и дека не сум таква. Ниту сум порасната на улица та така да разговараш со мене. ВЕЛКО: А каде си раснета? Молчи тука. Те извлеков од калта на сиромаштијата, те донесов овде, те наранив, те облеков и сега почна да збеснуваш. Што не остана таму да јадеш расолница со печени пиперки, туку се довлечка овдека ...? МАГДА: (Станува) ВЕЛКО: Каде? МАГДА: Ќе си легнам. ВЕЛКО: Седни. МАГДА : Не сакам повеќе да се расправам. (Трга.) ВЕЛКО: Седни, кога ти велам. МАГДА: (Се упатува кон спалната.) ВЕЛКО: (Станува, ја зграпчува за раката и ја фрла во софата.) МАГДА: (Веднаш се исправа и го гледа.) Што сакаш ти од мене? ВЕЛКО: Да седнeш. МАГДА: (Пркосно, седнува) Еве седам. Сега што сакаш? ВЕЛКО: Да слушаш. МАГДА: Еве слушам. ВЕЛКО: (Бесно) Значи и таква си знаела да бидеш? МАГДА: Не навредувај ме за да не бидам. ВЕЛКО: (Цинично.) А таму, во Македонија, изигруваше Блажена Марија? Додека не ми се најамчи на врат. МАГДА: Како не ти е срам така да зборуваш? ВЕЛКО: Ти мене ќе ме учиш како ќе зборувам? МАГДА: Слушни се. ВЕЛКО: Тоа твоја работа не е. МАГДА: (Со секој нов изговорен збор паѓа во огин.) Па, па, па да — тоа не е моја работа. Ништо не е моја работа. Ти дури никогаш и не си се запрашал како ми е мене, како живеам? Не. За тебе јас не постојам, јас не сум човек. Само играчка. Си ме купил и сега треба јас да пеам кога тебе ти се пее, да се смеам кога тебе ти се смее. Ти кога си лут, јас треба сè да голтам. Ете што сум јас за тебе. Пет месеци бев дојдена кога започна да ме навредуваш. И зошто? Затоа што сум му рекла некому — добровечер. И тоа кому? На еден од твоите најдобри пријатели. И еве оттогаш сè исто, сè исто ... ВЕЛКО: Сакаш да ги пуштам да те пофаќаат, да те милуваат...? МАГДА: Засрами се. Татко може да ми биде човекот. ВЕЛКО: (Скокнува од фотелјата. Се наднесува над неа.) Само уште еден збор и цревата ќе ти ги истурам, така да знаеш. МАГДА: (Молчи.) ВЕЛКО: (Стоејќи над неа.) Знаеш ти што да речеш, знаеш... Што сакаш? Не ти се бендисувам? Тоа ли? Сакаш да кажеш дека и јас татко можам да ти бидам? А? Тоа ли? А кај ти беа очите, таму, во Македонија, таму требаше да ги отвориш ... Туку таму и сто години да имав, сто години, пак ќе ме земеше, само и само... Што сакаш, тоа само да го знам? Да клечам пред тебе на колена, да ти ги бацувам полите, да стојам како пес сус пред тебе и да просам трошка по трошка од твојата милост, тоа? Тогаш, што сакаш? (Се внесува во неа.) Вечно да ми ја префрлаш младоста? Нема зошто мене да ми ја префрлаш. Префрлај си ја самата себеси. (Сиот оган.) Јас не те зедов насила. Не ти ставив нож под грло да се омажиш за мене. И никој друг не те насили. Самата, самата ти го стори. Самата ти ми ја донесе својата младост на тасот на којшто јас ти ги подарив доларите. (Повеќе за себе.) ... Ако сакаш да знаеш, јас ти дадов повеќе отколку ти мене. Што ми даде ти мене? Јас, јас ти го дадов сиот мој живот. Сиот. Не гледај ме така. Секој еден од зелените долари, што ти ги дадов, секој еден има во себе стопати повеќе моја пот отколку што е тежок. И отколку што вреди. Сиот мој живот, сиот е стопен во тие зелени шушлести книги. Сиот. И сета моја младост. Не, јас... Младоста, младоста моја, за мене, тоа се тие зелени долари. И јас, и јас, и јас ја продадов својата младост за тој тас зелени долари со кој ја купив твојата. И затоа немаш право да ми префрлаш. Ние разменивме — младост за младост. Да, младост за младост ... МАГДА: (Го гледа збунето.) ВЕЛКО: Не е вистина ... не е вистина ова што го реков? МАГДA: Јас не знам повеќе што да мислам. ВЕЛКО: Не знаеш. Ти не сакаш да знаеш. „Си се запрашала како ми е мене" — Ти тоа го рече. А си се запрашала ли ти како ми е мене? Како ми е ... Со какво срце те оставам на утрина кога одам на работа? Како ми е таму? Радосен ли сум? Среќен? Си се прашала ли како ги поминувам најдолгите часови во мојот живот таму, на дуќан? Зошто сум ваков кога ќе се вратам? Со какво срце легнувам? Имам ли сон? Не! Не си ни помислила. Не. Ти си центарот на сето? Да. А јас? Јас каде сум? Те мачи тоа што сум стар? А мене? Мене? Ти мислиш дека мене ми е лесно да ги прислушувам телефонските разговори на својата сопствена жена и да се враќам дома, да се преправам како ништо да не се случило? Ти мислиш не ме печеше погледот на чиновничката што го приклучуваше магнетофонот на твојот телефон? Ти мислиш мене не ме корне сето она што го мислат луѓето за мене и за тебе? Запрашај се, запрашај се еднаш: зошто го правам сето ова? Затоа што сум создаден тебе да те насилувам? Не. Не го правам затоа. Го правам сето — затоа што те сакам. Да. Затоа што те сакам. И не гледај ме така. Не веруваш? МАГДА: (Се собира сета во грч.) ВЕЛКО: Ти мислиш јас немам срце. Ти мислиш дека јас немам потреба и мене некој да ме сака? Д му зборувам и да ми зборува за љубов, да копнеам и да ... Не, не љубат само младите. Мојата, мојата љубов не е како нивната. Мојата љубов ... мојата љубов ... (Му секнуваат мислите.) мојата љубов ... Јас побргу ќе те убијам, отколку што ќе те дадам на друг. Ете каква е мојата љубов. Готов сум да те гледам мртва а моја, отколку жива а... а туѓа... (Му секнува здивот. Одеднаш се чувствува премален, нема сили да стои, да продолжи. Се чини секој миг ќе се струполи на земја.) МАГДА: (Го гледа избезумено. Полека, почнува да се спушта на колена пред него.) Убиј ме. Убиј ме. Убиј ме сега. Убиј ме вечерва. Убиј ме, зашто утре веќе може да биде доцна. Јас ... јас не можам повеќе. Не можам повеќе ... Ти се молам. ВЕЛКО: (Скршен се струполува во фотелјата пред Магда. Ја гледа немоќно и изгубено,) МАГДА: (Станува свесна за премаленоста на Велко, ги покрива очите, лицето со рацете. Крикнува. Потоа, порив ја отфрла од земјата и таа потрчува кон отворениот прозорец.) Не. ВЕЛКО: (Со последни сили го затвора патот до прозорецот со своето тело. Стои тој урамен во прозорецот како распетие. Кога ќе го види пред себе, Магда крикнува, го покрива лицето и се фрла врз софата.) Не. (Велко останува долго време така распнат врз прозорецот. Потоа, премалуваат првин рацете. Велко се одделува од прозорецот, ја стегнува главата во рацете, ја држи извесно време така, потоа го открива уплакано лицето и диво удира со главата во ѕидот. Вие.) Оооф. Оооооф. (Рамената почнуваат да му се тресат. Одеднаш, тој не е повеќе оној поранешен Велко. Се чини сега некако смален, изгубен) МАГДА: (Лежи со глава закопана во софата. Неподвижна е, глува и слепа за сето што станува околу неа.) ВЕЛКО: (Се врти. По лицето му се сливаат солзи. Рамената веќе не му се тресат. Се чини прибран.) Не плачи. Смири се. Имаше право. Имаше право. Сето ова нема смисла. Не требаше да започнуваме. МАГДА: (Ја крева главата.) ВЕЛКО: Седни МАГДА: (Покорно се исправа, седнува.) ВЕЛКО: (Останува да стои. Долга пауза во која, се чини, Велко ги прибира мислите.) - Прости ми. (Зборува испокинато, онака како што му доаѓаат мислите.) Јас го мислев најдоброто. Мислев дека животот ќе си го стори своето. Не излезе така. Ништо не требало да му се остава на животот, на годините. Нити на силата. Силата раѓа омраза. А јас, јас не сакав ти да ме мразиш. Ти мислиш дека јас сум те купил да ми причинуваш задоволство само мене, да ми ги собуваш чевлите ... Велиш дека за мене не си ... Ти никогаш, никогаш не си била крпа за мене. Никогаш. Јас бев оженет. Ти тоа го знаеш. Јас не знам што знаеш ти за мојата жена, но во секој случај не го знаеш она што го знам јас. Затоа и му забранив на Џими да доаѓа ваму. Тој отсекогаш ја сакал само мајка си. А таа го учеше да ме мрази. Од лулка. Како мравка. И го научи. А јас, јас ја сакав, лудо ја сакав. Ја сакав со сета своја младост. А таа — не ме сакаше. Се омажи за мене, само за да £ ја препишам куќата. Ме зеде за да ме опљачка. Го стори тоа и ме истера. Јас... ја молев, клечев пред неа да не ме тера, ги примив сите иејзини услови, а таа не сакаше ни да ме слуша. Со полиција ме исфрли на улица. Со моите пари и од мојата куќа ме исфрли. И ме научи да ги мразам луѓето. И да се плашам од нив. Но, ете, бог не ме остави да загинам. Пак сум простум, а таа е без ништо. Ти не знаеш таа како ме има мачено. Сум клечел, ех да знаеш само како сум клечел пред неа — само еднаш, само еднаш да ми рече дека ме сака. А таа... ме удираше со ногата по лицето и се кикотеше над мене. Тогаш почнав да ја тепам. Затоа и денес пекам некој да ми рече дека ме сака. Макар и не ме сакал. Затоа и тебе те мачам. Јас ... јас не барам многу, ниту од тебе, ниту од животот. Не гледај ме така. Јас постапувам вака, затоа што не знам поинаку. Проколнет ли сум или што? Зар навистина нема јас, како и другите мажи, еднаш да излезам од дома насмевнат, среќен, весел, и таму, на работа, да имам само весели мисли за дома? Зар никогаш нема да си поверувам самиот себеси? Можеби, да си бевме дома, таму во Македонија, можеби ќе беше поинаку? ... Дали би сакала, дали би сакала да си отидеме назад. Таму, крај мајка ти барем ти би била среќна. Јас не барам повеќе. Овде ... овде човек не може да живее среќно. Ќе нè проголта сево ова, ќе не проголта... Размисли. Размисли. Знам дека ти е тешко да ми одговориш вечерва. Не мораш, ако не сакаш не мораш никогаш да ми одговориш. Јас ... јас ќе чекам. Ќе чекам ... Со големо трпение ќе те чекам. МАГДА: Јас... јас не знам, јас навистина не знам дали сево ова што го предлагаш може да го излекува тоа што е меѓу нас. Да ме прашаше вчера, да ме прашаше изутринава, ќе ти одговорев. Ќе се согласев без размислување. Уште изутринава во одењето таму гледав спас: од железницава што ми татни во главата, од тесниот сноп светлина што ме потсеќава на Шара, од овие наши ноќи, од сè... Вечерва, вечерва не сакам да те лажам. И да не ти го кажам сето што го мислам. До денес, до попладнево мислев дека знам што сакам. Сега гледам, не сум знаела ништо. Не сум знаела ниту што сум мислила, ниту што сум чувствувата за тебе. Ти се молам, немој погрешно да ме разбереш: до вечерва, до вечерва мислев дека те мразам. И те мразев. Те мразев, затоа што верував ... Ох, ти многу добро знаеш што верував ... Мислев дека си јак. Се плашев од твојата сила. Да знаеш само колклу се плашев. Вечерва, вечерва... првпат сетив дека те — сожалувам. Прости ми, јас знам дека сожалувањето повеќе боли, повеќе навредува од омразата, но што можам кога е така. До вечерва, во моите очи, ти беше силен, безобѕирен, груб. Ти беше човекот што ја мразеше мојата младост. И јас треперев пред тебе. Вечерва видов, видов дека тоа било само лушпа. Обична неотпорна лушпа. Лушпа зад која, прости ми, зад која се криела слабост понемошна дури од мојата. Вечерва, за првпат, разбрав колку беше права мајка ми кога ме одвраќаше од мажењето за тебе. Мислев дека ме одвраќа затоа што сака да ме задржи кај себе. А јас сонував за Америка. Мислев: ќе отидам таму ќе живеам богато, ќе живеам во хотел, ќе имаме сè што ќе посакам... Мислев, не морам да си ја јадам душата ако ми се пушти котелец на најлонките... Верував, со времето ќе се роди во мене, ако не љубов, не љубов, туку почит кон тебе и дека тоа ќе биде доста. Не излезе така. Ништо не излезе така како што мислев таму. Па сепак, стојам пред тебе исто толку чиста како и оној ден кога првпат ме виде. И токму затоа не можам да ти одговорам се: да или не. Не можам, зашто ни самата не знам кој е вистинскиот одговор. Ми се чини, никогаш не сум била исплашена од животот како вечерва. Си личам себеси на вејка, откорната од ветрот и задржана за гранката само со корката. Треперам пред ветрот што се наближува: ќе ме одмине ли? Ќе ми даде ли сили да зарастам? Или сосема ќе ме откине? Се чувствувам страшно премалена. ВЕЛКО: Одмори се. МАГДА: Ќе си легнам. ВЕЛКО: Нема да вечераш? МАГДА: Не. Ти вечерај ако сакаш. ВЕЛКО: И не ми се вечера. Ќе се напијам трошка скоч. МАГДА: Ќе ти донесам нов мраз. ВЕЛКО: Не треба. Почини си. Ќе си земем сам. МАГДА: (Се упатува кон спалната. Застанува до вратата. Се врти.) Добра ноќ. ВЕЛКО: Добра ноќ. МАГДА: (Излегува. Вратата од спалната соба бавно се затвора зад неа.) ВЕЛКО: (Останува извесно време така. Потоа, тешко станува и се упатува зад параванот. Се слуша како го отвора фрижидерот, како крши мраз и го става во чашата. По малку, се враќа со нова чаша, полња мраз, во рацете. Седнува. Ја става чашата пред себе. Го зема шишето со скоч, се чини ќе тури, но се замислува и долго време останува така. Потоа, раката сама го враќа шишето од каде што го зеде, без да тури во чашата. Оддалеку се задава татнењето на „елеваторот". Велко станува, оди да го затвори прозорецот. Го затвора.: На враќање, ја здогледува пепелницата. Ја зема. Ја бршие со прстите. На врвот од прстите му останува пепел. Скршено седнува. Очите му се полнат со солзи. Ја држи пепелницата во десната рака, а со левата посигнува по шишето скоч. Плаче тешко. Плаче машки. Завеса.) ЕДНА година подоцна. Во моментот кога се крева завесата, на сцената е само Велко. Сцената е иста како и во првото дејствие. Велко седи во софата. Неговиот изглед е изеонредно изменет. Остарен е, ослабен, со изразити подочници од пиење и неспиење. Облеката врз него е преширока, како да не е негова. Пред него на столчето шише со скоч. Мраз и неколку шишиња сода. Само една од нив е дополу полна. Недела е попладне. Надвор ситно врне. Ги нема шумовите. Мир. Се задава татнежот на „елеваторот". Велко не го забележува. Додека сè татни, Велко го зема шишето отсутно и пие. Од спалната влегува Мејбл. Таа веќе не е во униформа, туку цивилно облечена. Зборува како да продолжува некој од порано започнат разговор. МЕЈБЛ: Слушајте ме вие мене: бегајте одовде. Купете куќичка, негде надвор од градов. Мала, со градина, со зеленило, со соседи. Ова не е место за младата госпоѓа. Нејзе £ треба сонце, воздух, слобода. Јас и вие сме свикнале со сево ова. Нам сево ова нè отруло до таа мера што да не ни може ништо. Ние веќе и не го чувствуваме. Првиот пат кога ја заварив младата госпоѓа со затворени прозорци и спуштени завеси, сета склупчена врз софата, ми се виде глупаво. И смешно. Дури подоцна ми рече дека се плаши од железницата £ дека и татни во главата. Бегајте, бегајте одовде. Нејзе £ е потребно нешто што би ја потсеќавало на она што го оставила таму, во стариот крај. ВЕЛКО: (Горчливо.) Доцна. Доцна е за сè, Мејбл. Пред една година £ реков да се вратиме таму ... МЕЈБЛ: Тоа би било најдобро. Можеби, сè уште не е доцна? ВЕЛКО: Доцна е, доцна, Мејбл. Што би правела таа таму? МЕЈБЛ: Храброст е потребна за овие моменти, храброст ... ВЕЛКО: Храброст? Не, Мејбл, не помага повеќе ни храброста. МЕЈБЛ: Не зборувајте така. Погледајте се како изгледате. Ако продолжите вака уште малку и самиот ќе стасате за в болница. Слушајте ја вие, Мејбл, господине. Соберете уште малку сили и побегнете. Ако не можете таму, побегнете некаде далеку, некаде каде што никој не ве познава. Менете го името ... Ќуќичката, барајте ја малата куќичка ... Таа е лекот за сè. ВЕЛКО: Не, Мејбл. Нема повеќе бегање. Нема повеќе куќичка, нема враќање, нема соседи. Ќуќичката ја јадат сега докторите. Сега треба да се почне уште еднаш од почеток. Пак и Магда не е повеќе за таа куќичка. Пред една година можеби би £ се радувала, пред година сето тоа можеби и беше возможно, денес... денес, не. Малите куќички не постојат за луѓе како што сме јас и ти, Мејбл. Тие се само наше пекање ... (На вратата се ѕвони. Пред вратата стои лифтбојот со цвеќиња. И ги предава на Мејбл, која излегува. Си оди, а Мејбл се враќа во собата и ги одвиткува цвеќињата.) МЕЈБЛ: Каде ќе заповеда господинот да ги поставиме цвеќињата? ВЕЛКО: Каде што ќе ви се стори најдобро. МЕЈБЛ: Зависи ... ВЕЛКО: Не ви се чини ли дека се малку? МЕЈБЛ: Букетот црвени каранфили и не треба да биде голем. Тие се убави кога се мали. Но, ако наредувате, јас би можела да порачам уште ... ВЕЛКО: Ставете ги на столчето во спалната. МЕЈБЛ: (Оди во спалната. Се враќа, пак со букетот во рацете.) Ќе ги ставам овде. Се сеќавам дека и младата госпоѓа обично ги клаваше овде. Првпат ми падна в очи кога тука видов дузина бели рози. ВЕЛКО: Се сеќавате ли за нив? МЕЈБЛ: Никогаш нема да ги заборавам. Тогаш не знаев зошто, но не можев да и се откинам на мислата дека розите плачат. Овде, знаете, белите рози се знак за ... ВЕЛКО: Ех, отспрвин и јас ги сфатив како детински занес. Им се смеев. А излезе дека тие биле првиот знак за нејзината мисла... Еех, белки нема да не загуби господ? Главното е дека има надеж. МЕЈБЛ: Има. Јас знам една што се фрли од три спрата повисоко и пак остана жива. Како е господ не е никој. Чудата се во неговите раце. ВЕЛКО: Сакате ли да се напиете уште малку? МЕЈБЛ: Нека биде за здравјето нејзино. ВЕЛКО: (Тура и подава. Пијат.) МЕЈБЛ: Благодарам. Ќе видите дека сè ќе излезе на добро. Не сакам ни да помислам на друго. Токму затоа и побрзав денес рано да бидам готова ... ВЕЛКО: Ви благодарам, Мејбл. Повелете, седнете. МЕЈБЛ: (Седнува.) Благодарам. ВЕЛКО: Да даде бог најдобро. На сите најнапред, најпосле нам. Јас само тоа му се молам. За здравје и за живот. Сето друго е ништо. МЕЈБЛ: (Пие) Сè е во Божји раце. Ќе видите вие ... ВЕЛКО: (Пие) Ех. Пусто е без неа. МЕЈБЛ: Пусто. ВЕЛКО: Да ви турам уште малку. МЕЈБЛ: Само малку. Благодарам. ВЕЛКО: (Тура. И двајцата пијат, полека и молчејќи.) МЕЈБЛ: Кај најде денес да врне? (Ѕвони телефонот. Мејбл скока и за миг, по инстинкт, е крај телефонот. Ја зема слушалката.) Ало ... 412 ... Да ... Собарицата Мејбл.(Ја поклопува со рака слушалката. На Велко.) Вашиот син. (Повторно во слушалката) Кој го бара, молам? (На Велко) Што да му речам? ВЕЛКО: Не сум дома. МЕЈБЛ: Жалам, не, господинот не е дома. Не знам. Излезе доцна и не рече кога ќе се врати. Слушајте вие, јас не лажам. (Ја затвора слушалката и ја прекинува врската.) Дрбро сторивте што не му се јавивте. Младата госпоѓа го избегаваше. Смртно се плашеше од него. Еден ден, сега неодамна, го заварив пред вратата. Ја молеше да му отвори. Повеќе од час ја молеше. Не му отвори. Штом тој си отиде, јас дојдов да ја видам. Не сакаше ни мене да ми отвори. Кога влегов, јас самата се уплашив од тоа како изгледаше. ВЕЛКО: (Се обидува да го сврти разговорот на друга тема.) Колку бавно врви времево. МЕЈБЛ : А што ... што велат докторите? ВЕЛКО: Доктор Џонсон вели дека има надеж. Има надеж. МЕЈБЛ : Штом тој вели така, значи дека има. (На вратата се ѕвони.) Чекате ли некого? (Во светлината пред вратата е Џими. Мејбл станува да отвори, меѓутоа уште пред таа да стигне до вратата, Џими е веќе внатре.) ЏИМИ: Слободна сте. ВЕЛКО: Останете, Мејбл. ЏИМИ: Сакам да разговарам со тебе, насамо. ВЕЛКО: Нема што да разговарам со тебе. ЏИМИ: Јас морам да разговарам. Првпат во животот те молам... ВЕЛКО: Надвор. ЏИМИ: Те молам, слушаш? Те молам. Се работи за неа ... ВЕЛКО: Излезете Мејбл. МЕЈБЛ: (Излегува.) ЏИМИ: Бев таму. ВЕЛКО: Кој ти дозволил? Како си смеел ... ? ЏИМИ: Сето тоа сега не е важно. ВЕЛКО: (Во грч.) Доктор Џонсон, вели ... ЏИМИ: Би требало да разбереш некои работи, пред ... ВЕЛКО: Јас не сакам да знам ништо што треба ти да ми го кажеш. За тебе отсекогаш биле важни само работите што „треба да се знаат". За тебе отсекогаш празните разговори биле над сè. Ако имаш намера да ми го кажеш она што веќе го знам, заштеди си го трудот. И оди си. ЏИМИ: Си останал истиот. Слушај, човече: ти не ја знаеш сета вистина за ситуацијата ... ВЕЛКО: Ја знам. ЏИМИ: Не ја знаеш. Пред малку разговарав со доктор Макферсон. Му се претставив како агент на твојата осигурителна компанија... ВЕЛКО: Немам време да те слушам. ЏИМИ: Мораш! (Застанува пред него.) Сослушај ме, барем еднаш во животот. (Го зграпчува за јака. Вика.) Доктор Макферсон вели дека само чудо може да ја спаси. Само чудо ... ВЕЛКО: (Го отфрла.) Доктор Макферсон лаже. Тој не знае. Тој му е само еден асистент на Доктор Џонсон. Тој не може да знае повеќе од него. Лаже, тој лаже. ЏИМИ: Не лаже. Доктор Џонсон не сака да ти ја каже вистината. Слушни ме, по ѓаволите. Таа не прави напор да живее. Одбива да живее. Токму затоа е потребно нешто што ќе ја ... ВЕЛКО: Ти сето тоа си го измислил. Сето тоа е твое масло! ЏИМИ: Не. Сето тоа е вистина. Освести се. Треба... ВЕЛКО: Ништо не ми треба. Ништо. Ни вистината ... (Сиот внесен во Џими.) Зошто ми го зборуваш сево ова? Малку ли ти беше сето што ми го стори? Малку? Како не се наситивте еднаш? ЏИМИ: Остави го сето тоа. Докторите ја чекаат секој момент нејзината смрт ... ВЕЛКО: (Крикнува.) Не е вистина. Не може да биде вистина. Ти сето тоа си го измислил за да ме погодиш кај што најмногу ме боли. (Го тресе.) Зошто молчиш? Речи, речи, речи дека не е вистина. Не е ... Не е ... ЏИМИ: Вистина е. Што и да речам нема да ја измени. (Се ослободува.) ВЕЛКО: Не може да биде вистина. Јас пред малку бев таму. Ја видов. Ги отвори очите. Никогаш не изгледала така добро како денес ... ЏИМИ : А јас кога ја видов ... ВЕЛКО: (Остро го прекинува.) Ти отсекогаш ја плашеше. ЏИМИ: Не. Впрочем, сето тоа сега не е важно. Важно е дека јас разговарав со неа. И дека ... ВЕЛКО: (Го зграпчува за гуша.) Како си посмеал ... ЏИМИ: (Се ослободува.) За тој разговор сакам да разговарам со тебе. Ти се молам да ме ислушаш. Ти знаеш ... ВЕЛКО: Не сакам ништо да знам. Не сакам ништо да чујам ЏИМИ: Ти знаеш како се однесував јас кон твојата женидба. Знаеш дека со месеци сакав да ти го забодам ножот таму каде што најмногу ќе те боли. Ти знаеш дека јас се крадев довде како ганстер по пожарните скалила, дека со часови стоев пред вратана, дека ја мачев по телефон, дека... дека сакав да ја обесчестам. (Вика.) И дека таа ме покори. Ме покори со својата чистота. ВЕЛКО: Замолчи ЏИМИ: Зошто не те убив оној час кога разбрав за случката, кога разбрав дека ја однесле на болница — не знам. Но знам дека во мене уште тој час ти беше изречена смртна пресуда. Доктор Макферсон пред малку одби да поверува дури и во чудото. Но јас верувам. Знаеш ли што ми рече: „Бев, ми рече, бев, Џими, вејка, откината и одвај додржана за гранката. Татко ти се мачеше, сакаше, страдаше да ме врати пак во живот. Но, не успеа. Никој не вратил откината вејка пак во живот, не може ни тој. А ти, ти беше ветар, Џими, силен ветар. Се плашев од тебе. Еднаш се плашев, а еднаш посакав да дувнеш силно и да ме откинеш ... Но, ти не дувна. Ако, ако ..." ВЕЛКО: (Вон од себе.) Надвор. Надвор. ЏИМИ: (Не одговара, но и не излегува.) ВЕЛКО: Надвор. Ќе удрам. ЏИМИ: Удри. Што знам јас од тебе друго, сиот мој живот? Тупаници и само тупаници. Дваесет и седум години, дваесет и седум години зборот татко за мене значи тупаница, тупаница крвава од моите детски солзи. Ти сигурно си ја заборавил онаа ноќ, но јас сум тој што не можам. И што не сакам. Никогаш. Татко! ВЕЛКО: Зар пак? До кога? ЏИМИ: Секогаш ... татко! ВЕЛКО: (Вивнува.) Со какво право ти зборуваш така за мене? Тоа што ти мислиш дека го знаеш за мене, тоа што го крчмиш по баровите и кај курвите, не е вистина. Не е и не може да биде мојата вистина. Ти немаш очи за мојата вистина. Тебе мајка ти ти ги ослепе... ЏИМИ: Остави ја мојата мајка. ВЕЛКО: ... Таа, таа те ослепе за сè што се однесува до мене. Ти велиш дека дваесет и седум години си го изговарал зборот татко, така ... така како што си го изговарал? А ... а ме прашаше ли мене, јас.., јас како сум го изговарал зборот: син? Не. Ти на тоа дури и не си помислил. Ти никогаш не си помислил на мене. (Тешко дише. Сè повеќе му нестасува здив.) Син. Јас не сум имал — син. Мојот син, мојот син бил отсекогаш за мене само грутка омраза, грутка омраза што се струполува надолу и што расте, расте, расте ... станува сè постравотна ... Не, јас не сум имал никогаш син, туку таа стравотија од омраза. Ете што сум имал. ЏИМИ: Ти никогаш и не си посакал да имаш — син. ВЕЛКО: Јас? Јас не сум посакал? Па ... па што сакате вие уште од мене? Тебе и на твојата мајка ви дадов цел еден живот. Да, цел еден живот. Ви го дадов сето што го имав, сето она што му се надевав, сето што го изноктив и за што сонував. Што можев уште да ви дадам? Што има друго човек во животот? А вие, вие ме исфрливте... Се сеќаваш и самиот како ме исфрливте. И сега кога Магда ... ЏИМИ: Ти секогаш си наоѓал оправдувања за твојот неуспех во животот. Откако те знам ... ВЕЛКО: Неуспех во животот? Што знаеш ти за животот? Ти ќе говориш за животот? За животот овде? ЏИМИ: Знам исто толку колку и ти. Ако не и повеќе. Впрочем, ти ми беше учителот. ВЕЛКО: За тебе... за тебе животот — тоа беа моите долари, баровите, дупките на Америка. За тебе живот — тоа се нозете на дансинг-герлите. Ете што е за тебе животот... ЏИМИ: А за тебе? ВЕЛКО: За мене? Ех, сине. Јамка, пранга е овдешниот живот. Де денес да се спечалат трошка пари, де утре малку повеќе. Никогаш да се искубеш. Тоа е нашата трагедија. Ние сме сите, додека сме живи, само со телото овде, а сo душата таму. Додека еден ден не ги закопаме и телото и душата овде. Сите ние знаеме дека никогаш дема да се вратиме, па сепак се залажуваме. И умираме со тоа залажување. А Америка не меле тивко, кротко и без остаток. Ете што е за мене овде животот. И не само за мене, туку за сите како мене. ЏИМИ: Не. Не те разбирам. Се чини дека јас никогаш не сум можел да те разберам. ВЕЛКО : Зошто? Прашај се барем еднаш: зошто? ЏИМИ : Затоа што ти сето време се криеш од мене. ВЕЛКО: Јас, се кријам? Зар не бев јас тој што со денови и денови ти зборуваше дека тоа што го прави мајка ти не е добро? Но ти не сакаше да ме чуеш. Не бев ли јас тој што те молев да се школуваш? Не ме послуша? Не ми го услиши дури ни последното што те замолив: да ме оставиш да поживеам барем малку, барем ова што ми останало на мира со Магда ... Како се однесе ти спрема мене? Не се обиде дури ни да ја разбереш простата вистина, дека јас не смеам да ја загубам. ЏИМИ: Ти отсекогаш си го барал од мене само невозможното. ВЕЛКО: Не, Џими. Не. Таму, зад планинските гребени на морскиот брег, таму остана сето старото. Сето од што ... Беше тоа на бродот, кога доаѓав со неа овде. Довде беше уште многу далеку. Можеби и затоа сетив, првпат во животот, нешто што потсеќаваше на среќа. Да, на среќа. И веднаш се уплашив. Се уплашив од сево ова овде. Пред тоа, таму, на бродот, имав чувство дека на раката носам капка роса. И дека сето ова 'ќе ми ја грабне, ќе ми ја уништи. Ја затворив раката, ја затворив да ја одбранам... Од каде да знам дека со тоа сам ќе ја убијам? ЏИМИ: Како е тоа страшно. Сиот свој живот јас верував дека си јак. Сиот свој живот чекав да ги исправиш твоите гради пред она што пред малку го нарече грутка омраза, да ги исправиш и да го запреш ... Наместо тоа ... наместо тоа, грозно, ми станува јасно дека ... дека сум мразел само еден слаб човек. Слаб човек... ВЕЛКО: Кој е тој од нас што може да биде овде јак? Туку што си се исправил, си се обидел да застанеш на своите нозе, веќе не си ни за овде ни за таму. Овде туѓ, таму негоден. Ние мислиме дека таму животот застанал на оној час кога сме го оставиле. Стои тој таму и нè чека. Им завидувам на овие овде и на тие таму. Нив ги распнуваат само процепите на животот. Ние... ние сме распетија распети на четири страни. И така ни е пишано да изумреме. Џими, разбери, јас не можам да живеам без неа. Јас ќе умрам ... (Вратата се отвора. Влегува Мејбл. Таа е сета во солзи. Одвај зборува. Кон Велко.) МЕЈБЛ: Ве бара по телефон Доктор Џонсон. ВЕЛКО: Мене? МЕЈБЛ: (Молчи.) ВЕЛКО: (Долго стои така беспомошен, изгубен, гледа час во Џими час во Мејбл. На крај ја крева слушалката.) Молам? (Долга пауза. Велко слушајќи се скаменува. По извесно време, станува јасно дека тој повеќе не слуша, дека разговорот одамна завршил. Раката полека му паѓа, со неа и слушалката. Се спушта во фотелјата. Молк.) Готово е. Сè е свршено, Џими. Сè. Засекогаш и за сите. Сè. Не напуштил нам и господ. ЏИМИ : (Во грч трга да излезе, да избега.) ВЕЛКО: Каде? ЏИМИ: Ни самиот не знам ... ВЕЛКО: Остани. Не оставај ме сега сам. Немој. Ти се молам. ЏИМИ: Не можам. Морам, морам да отидам. Морам да сторам нешто и јас во животот. Барем она што си го правел ти повеќе пати: да почнам од почеток. Можеби и тоа е ... живот? ВЕЛКО: (Го гледа долго.) Нека ти е простено. Можеби е така и подобро. Не, не е ова првпат јас и ти да се разделуваме. Се разделивме ние првпат и најтешко... Ти за тоа веќе не се сеќаваш? ЏИМИ ЏИМИ: Не, татко. ВЕЛКО: Беше едно неделно утро. Се вративме од црква. Јас те зедов в скут и почнав да ти ја зборувам песната: „Орелски крилја как да си метнех И в наши ст'рни да си прелетнех ... На наши места јас да си идам Да видам Охрид, Струга да видам Таму по срце кавал да свирам С'нце да зајдвит, јас да умирам ..." Ти ме гледаш со своите очички и ништо не ме разбираше. Ни јазикот мој не ми го разбираше... ЏИМИ: Јас ни сега не те разбирам. ВЕЛКО: „Јас ни сега не те разбирам"? А кој, кога нас ќе нè разбере? Никогаш. Никогаш. Ех ... (Ненадејно, како ровја, татнењето на „елеваторот". Додека тој татни, Џими излегува. Мејбл се врти кон ѕидот и продолжува да плаче. Велко изгубено гледа во местото каде што се изгуби Џими. Завеса.)